Цените на нафтата пораснаа четврта недела по ред

Нафтата на светскиот пазар поскапе и минатата седмица, четврта по ред, при што на лондонската берза цената на барел достигна највисока стапка во последните три години затоа што се очекува дека побарувачката и понатаму ќе јакне.

Цената на барелот на лондонскиот пазар порасна минатата недела за 1,5 отсто, на 79,28 долари, а во еден момент достигна 80,75 долари, највисока стапка од 2018 година до сега. На американскиот пазар, пак, барелот поскапе за 2,5 отсто, на 75,88 долари.

Растот на цените е последица од заздравувањето на економиите од корона кризата и растот на побарувачката за горива, но и проблемите со производството во одделни земји.

Американската банка „Ситигруп“ проценува дека на пазарот во следните шест месеци во просек ќе недостасуваат 1,5 милиони барели дневно, дури и ако понудата континуирано се зголемува.

Вниманието затоа е свртено кон состанокот на Организацијата на земјите извозници на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучувајќи ја и Русија, кои денеска би требалио да разговараат за производствената политика.

Повеќето аналитичари проценуваат дека ќе биде потврдена одлуката за зголемување на производството во ноември за 400 илјади барели дневно, а Тамас Варга од „ПМВ“ смета дека заради очекуваниот раст на побарувачката, договореното зголемување нема да биде доволно да го спречи намалувањето на залихите до крајот на годината.

Водечките производители се изложени на притисоци на големите потрошувачи, како што се Соединетите Американски Држави и Индија, да произведуваат повеќе нафта како цените би биле пониски.

„Ако ОПЕК+ остане на плановите за зголемување на производството во ноември за 400 илјади барели дневно, на пазарите цената на барел ќе достигне 90 долари“, вели Едвард Моја, аналитичар во компанијата ОАНДА, и додава дека секое зголемување на производството помалку од 600 илјади барели би требало да го поттикне растот на цената на нафтата.

Поддршка на цените на нафтата дава и поскапувањето на природниот гас на глобално ниво затоа што тоа ги поттикна производителите на струја да се свртат кон други горива во земјите како што се Пакистан, Бангладеш и оние на Блискиот Исток.

Поголем раст на цените спречи јакнењето на доларот. Индексот на доларот, кој покажува движење на американската кон шестте клучни светски валути, порасна четврта седмица по ред и достигна највисока стапка годинава, а јакнењето на зелената валута ја намалува куповната моќ на сопствениците на другите валути, а со тоа и побарувачката за нафта.

Цената на барелот на лондонскиот пазар порасна од почетокот на годфинава за повеќе од 50 отсто, благодарение на заздравувањето на побарувачката за нафта покрај заздравувањето на стопанствата, но и одржувањето на произвоидството на ОПЕК под стапката од пред пандемијата.