Цените на нафтата стабилни по состанокот на ОПЕК+

LinkSense.mk

Цените на нафтата во голема мера ја задржаа стабилноста и покрај тоа што Организацијата на земјите извознички на нафта и сојузниците (ОПЕК+) одлучи да го зголеми производството на нафта за само 100.000 барели нафта дневно, со што ги урна американските надежи за значително зголемување на резервите.

Во меѓувреме, највисоките ирански и американски официјални претставници рекоа дека патуваат во Виена за да ги продолжат разговорите за иранската нуклеарна програма, оживувајќи ги со тоа речиси исчезнатите надежи за укинување на санкциите со кои се ограничува извозот на нафта од Иран, што би можело да ја зголеми понудата и да ги заузда цените.

Цената на барел нафта на лондонскиот пазар падна за 14 центи, на 100,40 долари, во однос на претходниот ден. На американскиот пазар, пак, падна за 31 цент, на 94,11 долари.

Министрите на членките на ОПЕК+, вклучувајќи ја и Русија, се согласни благо да го зголемат производството за 100.000 барели дневно, односно за околу 0,1 отсто од глобалната побарувачка на нафта, покажува документот достапен за новинарите.

Иако САД побараа од групата да го зголеми производството, слободниот капацитет е ограничен и Саудиска Арабија можеби нема да сака да го зголеми производството поради сојузникот на ОПЕК + Русија, која е погодена од серија санкции поради војната во Украина.

Пред состанокот, ОПЕК+ ја намали својата прогноза за овогодинешниот вишок на нафтениот пазар за 200.000 барели, на 800.000 барели дневно, изјавија три извори за Ројтерс.

Во меѓувреме, податоците од Американскиот институт за нафта покажуваат дека резервите на сурова нафта во САД, во неделата што заврши, на 29 јули, пораснале за околу 2,2 милиони барели. Резервите на бензин, пак, паднаа за 200.000 барели, а резервите на дестилати за околу 350.000 барели.

Во посебен извештај, ОПЕК денеска објави дека барел од нафтената кошничка на нејзините членки во понеделникот изнесувал 106,80 долари, што значи дека е ослабен за 4,04 долари во однос на минатонеделниот петок.