ЦИА објави неуспешни планови за елиминација на Фидел Кастро

Американската разузнавачка служба (ЦИА) обелодени некои документи во кои се наведуваат разни безуспешни планови за елиминирање на Фидел Кастро, големиот американски непријател за време на Ладната војна.

Во тие документи се откриваат разни заговори на агенти, а многу од тие планови не ја виделе светлоста на денот додека некои, како што оценува Франс прес, потсетуваат на студентски шеги.

Тајната служба од март до август 1960 година разгледувала планови да ги саботира говорите на Кастро и на тој начин да се исмее големиот Кубанец.

kastro-2

Подоцна е смислен план за да отпадне брадата на Кастро која била негов препознатлив дел и тоа со прскање на некоја течност на цигари и чевли.

Агентот требало тоа да му го направи на Кастро во еден хотел при негов престој во странство, но кубанскиот лидер го откажал патувањето во последен момент.

ЦИА од 1960 до 1965 година смислувала сериозни обиди за елиминирање на револуционерот.

Во еден од нив, на кубански цигари била ставена исклучително отровна супстанција од која се умира веднаш откако ќе се стави цигарата во уста.

Цигарите биле дадени на неидентификувана личност во февруари 1961 година, но ништо не укажува на тоа дека бил спроведен тој обид за убиство на Кастро.

kastro-3

Тајните служби, како што се наведува во документите, ја разгледувале и можноста да го ликвидираат Кастро со употреба на отровни апчиња во храна или во пијалок, а биле консултирани и членови на мафија за убиство од огнено оружје, но плановите, ниту првиот ниту вториот не се спровеле во дело.

Самиот Кастро, кој почина неодамна на 91-годишна возраст, рекол дека избегнал околу 600 обиди за убиство или за загрозување на неговото здравје и углед.