ЦИА: Принцот го наредил убиството на Кашоги

LinkSense.mk

ЦИА заклучи дека саудискиот принц Мохамед бин Салман го наредил убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Истанбул, објави американскиот весник „Вашингтон пост“.

Ваквите тврдења се спротивни на наводите на саудиските власти кои тврдат дека тој не е поврзан со убиството што се случи минатит месец.

ЦИА дошла до овој заклучок врз основа на повеќе извори од разузнавачки служби, вклучувајќи и телефонски разговор на братот на принцот Калид бин Салман, кој е амбасадор на Саудиска Арабија во САД, со Кашоги.

Калид, наводно, му рекол на Кашоги дека треба да оди во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул за да земе документи и му дал уверување дека ќе биде безбеден.

Не е познато дали Калид знаел дека Кашоги ќе биде убиен, но тој го направил повикот по наредба на брат му, според луѓе кои се запознаени со тој повик и им дале информации на американските разузнавачи.

Портпаролката на саудиската амбасада во Вашингтон, Фатима Баешен, изјавила дека амбасадорот и Кашоги никогаш не разговарале за одењето во конзулатот во Турција и додала дека наодите на ЦИА се лажни.

„И понатаму слушаме различни теории без никаква основа“, рече таа.

„Вашингтон пост“ пишува дека извештајот на ЦИА кој го поврзува саудискиот принц со таа операција е најкоректен досега и дека ги компликува напорите на американскиот претседател, Доналд Трамп, да ги сочува добрите односи со Саудиска Арабија.

Заклучокот на ЦИА за улогата на Мохамед, исто така, се темели на проценката на агенцијата за тоа дека принцот де факто владее зо земјата и ги надгледува дури и најмалите работи во царството. „Не постои начин тоа да се случило без него“, изјави официјален претставник на САД запознаен со заклучоците на ЦИА.

„ЦИА го смета Мохамед за добар технократ“, изјави официјален претставник на САД, но исто така и како избувлив и арогантен, некој што „оди од нула до 60, се чини дека не може да разбере дека има некои работи што не можете да ги направите“.

Аналитичарите на ЦИА веруваат дека тој има цврста контрола врз власта и не е во опасност да го загуби својот статус како наследник на престолот и покрај скандалот со Кашоги. „Генералниот заклучок е дека тој веројатно ќе преживее“, вели официјалниот претставник, додавајќи дека улогата на Мохамед како иден саудиски крал е земена здраво за готово.

Портпаролот на ЦИА одби да ги коментира пишувањата на „Вашингтон пост“.