Многу Украинци за прв пат денеска ќе го прослават Божик, откако владата го отфрли 7 јануари како датум за прослава во обид да го отстрани влијанието на Москва.
Украина во јули донесе закон со кој одбележувањето на големиот христијански празник се поместува на 25 декември, на денот кога поголемиот дел од христијанскиот свет го слави Божик.
Претседателот Володимир Зеленски го потпиша законот во кој се вели дека Украинците сакаат „да го живеат сопствениот живот со свои традиции и празници“.
Тоа, се додава, им овозможува „да го остават зад себе руското наследство за наметнување на прославата на Божик на 7 јануари“.
Христијанството е најголемата религија во Украина, а Руската православна црква до неодамна доминираше во верскиот живот.
Истовремено, украинските власти соопштија дека во руски напад во областа Херсон што се случи вчера загинале пет лица.
Во исто време, луѓето лојални на Русија кои управуваат со градот Хорливка, на истокот на Украина, изјавија дека во украинскиот напад на тоа место загинало едно лице, а шест биле повредени.
Руските сили пред една година го напуштија Херсон и оттогаш непрекинато го гранатираат од своите позиции на источниот брег на реката Днепар, која минува низ градот.
Украинските власти соопштија дека Русите, во изминатите 24 часа, упорно го напаѓаат Херсон и пошироката област околу градот.
Градските власти соопштија дека поради нападите дел од градот е без пристап до гас и вода.
Како и Руската православна црква, источните христијански цркви главно го користат јулијанскиот календар, кој датира од римско време, наместо грегоријанскиот календар.
Промената на датумот е дел од забрзаните напори за „да се тргнат трагите од руското и советското влијание“, како што се преименување на улиците и отстранување на споменици.
Православната црква на Украина, новата независна црква која за прв пат одржа богослужба во 2019 година, го смени датумот на Божик од 7 јануари на 25 декември.
Официјално се одвои од Руската православна црква поради руската анексија на Крим во 2014 година и поддршката на таа земја за сепаратистите во источна Украина.
Новата православна црква на Украина брзо расте и презема неколку црковни згради поврзани со Русија со потези кои владата поддржува.
Во меѓувреме, Украинската православна црква, историски поврзана со Русија, го задржа својот Божик на 7 јануари.Иако тврди дека ги прекинала врските со Русија поради војната, многу Украинци на ова гледаат со неверување.
Третата православна деноминација во земјата, Украинската грчкокатоличка црква, Божикна миса ќе одржи на 25 декември.
Украина е под духовно водство на Москва од 17 век.
За време на Советскиот Сојуз и промовирањето на атеизмот, божикните традиции како што се украсувањето на новогодишната елка и давање подароци беа пренесени на новогодишната ноќ, која стана главен празник и сè уште е за многу семејства.
Украинските божикни обичаи вклучуваат вечера на Бадник со 12 јадења без месо, вклучувајќи и сладок пудинг од житни култури – „кутја“.
Украинците ги украсуваат своите домови со снопови пченица.
Во некои области, децата одат од врата до врата пеејќи коледарски песни.
(Фото: Јуриј Дјатушин – Анатолиј Степанов /АФП)