Гневни земјоделци запалија денеска купишта гуми во Брисел во знак на протест против конкурентните ниски цени во супермаркетите и договорите за слободна трговија.
Повеќе од 900 трактори блокираа делови од Брисел недалеку од местото каде што се состануваат министрите за земјоделство на земјите членки на Европската унија за да разговараат за кризата во земјоделскиот сектор.
Интервентната полиција во главниот град на Унијата со водени топови се бранеше од демонстрантите кои фрлаа со шишиња и јајца кон нив.
Селаните кон полицајците „стрелале“ и со ѓубриво и портокали.
Еден фармер, пак, во близина на станицата Маелбек го прекри патот со слој слама, по што гневните демонстранти запалиле дел од сламата.
Со јајца се гаѓа и зградата Лекс, една од европските институции, во близина на плоштадот Шуман.
Чад се чувствува во близина на местото каде што полицијата употреби водени топови за да ги разбие протестите.
За да ги одбранат европските институции од демонстрантите се користат и бодликава жица и бетонски бариери. Неколку трактори, меѓутоа, пробија една бариера.
Некои од демонстрантите сликовито го опишаа своето незадоволство од, како што велат, бавната смрт на земјоделството.
„Како дете сонуваш за тоа, а како возрасен умираш од тоа“, рекол еден селанец.
Протестите од раните утрински часови предизвикуваат прекини во јавниот превоз, па таканеколку тунели, патишта и метро станици се целосно затворени.
Земјоделците протестираат низ Европа, повикувајќи на подобри приходи, помала бирократија и осудувајќи ја нелојалната конкуренција од евтината украинска стока која се увезува за да му се помогне на Киев во воените напори. Исто така, се жалат и на строгите правила за заштита на животната средина.
Протестите на фармерите, кои се проширија низ цела Европа, доаѓаат во време кога се чини дека екстремната десница, за која земјоделците претставуваат сè поголемо избирачко тело, би можела да има исклучителен успех на изборите за Европскиот парламент во јуни.
Се протестира и во Мадрид, каде што селаните од цела Шпанија свиреа со свирчиња, удрија на тапани и ѕвонеа повикувајќи ја ЕУ да ја намали бирократијата и да се откаже од некои промени во Заедничката земјоделска политика.
(Фото: Џон Тус / АФП)