Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува четириесет нови стипендии

LinkSense.mk

Четириесет нови стипендии традиционално и годинава доделува Фондацијата „Трајче Мукаетов“ од кои 12 за студенти на Фармацевтскиот факултет и 28 на студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје за учебната 2018/2019 година. Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци.

Претседателот на Фондацијата и генерален директор на „Алкалоид АД“ Скопје, Живко Мукаетов денеска на прес-конференција рече дека и годинава повторно доделуваат награда од 1.200 евра во денарска противвредност за првенците на генерација на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет.

Посочи дека годинава добитници на наградата се Филип Илиевски од Фармацевтскиот факултет со просек 9,78 и Марија Тодоровска од Медицинскиот факултет со просек 9,83, кои и досега биле стипендисти.

„Во изминатите 11 години имаме вложено 1,35 милиони евра во стипендирање на идни лекари и фармацевти, за девет години се донирани 24.000 евра за награди на првенците на генерации, a преку хуманитарниот пикник досега се донирани 115.000 евра, рече Мукаетов и изрази лична гордост што Фондацијата го продолжува делото на Трајче Мукаетов и ги помага студентите на двата факултети.

Потенцира дека со овие 40 студенти досега имаат стипендирано 458 студенти од кои 185 студенти по фармација и 160 по медицина се веќе дипломирани.

„Од овие студенти кои сме ги стипендирале 64 веќе работат во компанијата „Алкалоид АД“ од Фармацевтскиот факултет и пет од Медицинскиот факултет. Стипендијата и натаму е 6.500 денари во текот на целата година за студентите кои ги добија стипендиите, додаде Мукаетов.

Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје, Никола Јанкуловски истакна дека наградените кандидати добиваат еден нов стимул за нивно усовршување и подобро извршување на нивните работни задачи.

„Сето ова придонесува за повисок квалитет на кадарот кој излегува од овие факултети. Добро едуцирани и стручни кадри се добар предуслов за добар здравствен систем и сите овие заеднички аспекти ќе придонесат тој да се зацврсти и да биде од европски или светски ранг, за добробит и благостојба на граѓаните, додаде Јанкуловски.