Шахпаска: Во Македонија функционира социјалниот дијалог

Унапредување на социјалниот дијалог, подготовката на Законот за работните односи на транспарентен начин со вклученост на сите засегнати страни, како и развојот на социјалното претприемништво, беа само дел од темите што министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ги отвори пред студентите на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, пред кои зборуваше за институциите и пазарот на трудот.

Шахпаска, како што информираат од нејзиниот кабинет, прес студентите зборувала за начинот на кој се подготвува новиот системски Закон за работните односи, за кој се очекува наскоро да се отвори широка јавна расправа.

„Новиот Закон за работните односи ќе понуди модерни решенија кои ќе бидат во интерес и на работниците и на работодавачите. Меѓусебното усогласување и поддршката на овој Закон од сите засегнати страни се нашата гаранција дека новото законско решение доследно ќе се имплементира, Токму затоа имаме интензивни разговори, преговори и консултации со сите засегнати страни. Вклучени се сите релевантни институции, организации, социјални партнери, невладин сектор, претставници од стопанството, комори, претставници на академската јавност“, нагласи Шахпаска.

Таа ја образложи работата на Министерството за труд и социјална политика во чија директна надлежност се најголемиот дел од прашањата поврзани со пазарот на труд.

„Министерството за труд и социјална политика е во центарот за координирање на пазарот на трудот во државата, работните односи, вработувањето и вработеноста, безбедноста и здравјето при работа. Кога ќе се земе во предвид дека во нашата држава има околу 720.000 вработени лица, 324.000 пензионери и 184.000 невработени, вкупниот број на граѓани кои се вклучени на пазарот на трудот е од прилика 1.200.000 лица. Тоа е сериозна бројка за која се креираат краткорочни, среднорочни и долгорочни политики“, посочи Шахпаска.

Студентите, исто така, се запознале со начините, механизмите, процесите на креирање, имплементација и следење на политиките, законските акти, конкретните програми и мерки кои имаат одредено влијание врз пазарот на труд во нашата држава, како и улогата која во тие процеси ја имаат некои од најзначајните институции.