Шербеџија му се заблагодари на Манчевски што бил дел од неговиот сон

 

– Кинотеката синоќа свечено ја одбележа 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, најуспешниот филм во македонската кинематографија, со промоција на мапа со репродукции на постерите од светската дистрибуција на филмот и со негова проекција. На неформална филмска вечер актерот Раде Шербеџија, кој го игра главниот лик, изјави дека во тоа време „Пред дождот“ за него бил спас.

– Јас тогаш живеев во Лондон и кога се запознавме, после кастингот кога ја добив улогата, Милчо ми рече дека ја пишувал баш за мене. Го прашав како за мене кога не ме ни познава. Ми рече дека уште од дете ги гледал сите мои филмови и дека Живојин Павловиќ е неговиот најомилен режисер. Таа интима, тоа што го има во неговите филмови е таму оти тој ги создавал тие дела уште од дете, тоа го прави голем автор. И сите тие големи режисери и глумци, од Стенли Кјубрик до другите големи со кои после работев, сите ми имаат кажано дека „Пред дождот“ е еден од
најдобрите филмови што го виделе. Сакам да му кажам фала на Милчо што бев дел од неговиот сон, рече Шербеџија.

Милчо Манчевски раскажа анегдота кога по премиерата на фестивалот во Венеција во 1994 организаторот му кажал да биде во близина оти можеби ќе треба да се врати. Тој заминал за Лондон.

– Едно утро ми се јави една жена од фестивалот и ми рече дека треба да се вратам во Венеција зашто ќе добијам награда. Ја прашав – добра? Ми рече – мислам дека ќе ти се допадне. Ме праша под кое име ќе дојдеш во Венеција, оти не може под твоето за да не дознаат новинарите дека си тука и да објават пред фестиваот дека си добил награда. Ми текна на името Васко, по еден братучед кој неодамна беше починал. А презиме – ме праша таа. Е не знам презиме, ѝ реков. Ме праша може ли Гонзалга. Ѝ реков може. И така кога дојдов во Венеција на аеродромот ме чекаше
човек со табла на која пишуваше Васко Гонзалга. До почетокот на церемонијата за награди не знаев дека сум добил „Златен лав“. Тоа е една приказна за името и идентитетите, рече Манчевски.

На филмската вечер посветена на четврт век од неговиот прв игран филм, присуствуваше и останатата екипа – Петар Мирчевски, Мето Јовановски, Александар Микиќ, Нино Леви, Сузана Киранџиска…

Мапата што беше промовирана содржи репродукции на постерите за „Пред дождот“ од 30-тина земји и ја промовираше филмската критичарка Марина Костова, која соработуваше на овој проект на Кинотеката. Мапата е издание на Кинотеката и ќе биде достапна во нејзината книжарница.

Костова зборуваше за речиси 10-годишниот процес на архивирање на одгласите во светскиот печат за „Пред дождот“, што следуваа по освојувањето на „Златниот лав“ во 1994, кога филмот играше во кината на 60-тина земји и на уште толку фестивали во светот проследено со илјадници текстови и објави во медиумите.

Вчера напладне годишнината на „Пред дождот“ беше одбележана и во МАНУ.