Шест часа траеше гаснењето на пожарот во поранешната касарна во Струмица

Шест часа струмичките пожарникари го гаснеа големиот пожар што избувна вчера во 17 часот во најголемиот објект од поранешната касарна во Струмица, соопштија од Територијалната против пожарна единица.

-Гореше поранешната командно-штабна зграда со површина од околу 2.000 метри квадратни. Гаснењето беше исклучително тешко поради староста на зградата во која меѓукатните конструкции беа од греди, даски и трски поради кои пожарот се ширеше со голема брзина, стои во известувањето од ТППЕ Струмица.

Во гаснењето на пожарот учествувале пет противпожарни возила и 17 пожарникари и две цистерни на ЈПКД „Комуналец“ за доставување на вода.

Дежурни екипи останале на местото на пожарот во текот на ноќта, бидејќи силниот ветер повторно разгорувал дел од опожарените греди.

На 25 март годинава во пожар во поранешната струмичка касарна изгоре објектот во кој беше сместена регионалната телевизија „ВИС“, а големи штети претрпеа конфекциски погон и печатница.