Шефот на грчката дипломатија во официјална посета на Македонија

Министерот за надворепни работи, Бујар Османи, денеска во Скопје ќе биде домаќин на неговиот грчки колега, Никос Дендиас.

Дендиас доаѓа во прва официјална посета на Македонија.

Фокусот на разговорите ќе биде ставен на интензивната динамика во средбите на највисоко ниво, унапредувањето на билатералната соработка и договорната состојба, што уследи по потпишувањето на Договорот од Преспа.

Ќе се разговара и за спроведените активности согласно Соговорот, како од страна на Македонија така и од страна на Грција.

Во контекст на билатералните односи, двајцата министри ќе разговараат за напредокот во развојот на стратешкото партнерство, случувањата во регионот, посебно од аспект на неговите интегративни процеси, како и во случувањата пошироко во светот, со посебен осврт на најновите ангажмани во борбата за справување со пандемијата и состојбите во Авганистан.

Посетата на грчкиот министер за надворешни работи е во значаен период кога околностите на регионот и глобалните кризи налагаат заедничко координирање и дејствување меѓу двете соседните земји, со што се потврдува и унапредува нашето стратешко партнерство, стои во соопштението на МНР.

Грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека на средбите во Скопје ќе се разговара за билатералните односи во целост и во сите области, вклучително и економијата и енергијата, европската перспектива на Северна Македонија, но и целосното имплементирање на Договорот од Преспа.

Оттаму дополнуваат дека посетата е по поканата од министерот Бујар Османи, а Дендиас ќе допатува заедно со заменик-министерот за надворешни работи на Грција надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис.

Освен со Османи, шефот на грчката дипломатија ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, како и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.