Шилегов: Скопје ќе има Отворена културна сцена

LinkSense.mk

Во Градскиот парк денеска Град Скопје ја постави првата од трите летни сцени наменети за одржување на културни настани на отворено.

Станува збор за монтажна мултифункционална сцена на отворено, со движечки челични профили, идеална за одржување на музички настани, изложби, театарски претстави, уметнички перформанси и разни други собири.

На отворањето, актуелниот и кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов истакна дека мултифункционалната сцена ќе биде новата гордост на Градски парк.

„Местото каде ќе се одржуваат најубавите настани, градски фестивали, местото каде многу скопски уметници за прв пат ќе застанат на сцена и каде публиката ќе има можност да ужива во незаборавни моменти“, рече Шилегов.

Изминатите две години поминати со пандемијата на ковид-19, потенцира Шилегов, ги натера граѓаните повеќе време за одмор и рекреација да поминуваат на отворено, а едно од омилените места на скопјани е токму Градскиот парк.

„Овој процес го започнавме веднаш по започнувањето на пандемијата. Град Скопје беше првата европска метропола со кризни мерки за културата во насока на заштита на егзистенцијата на скопските уметници, но и првата метропола што организираше цели фестивали сред пандемија, па дури и во карантин. Оваа сцена е избрана на јавен конкурс, во конкуренција на 12 други трудови и беше претставена на изложба заедно со сите останати примени трудови минатото лето. По изработката на основниот проект и неопходните процедури за јавни набавки, сцената е тука“, додаде Шилегов.

Изградбата на паркови, културни објекти и јавни содржини кои обединуваат луѓе не смее да запре, посочи Шилегов, изградбата на европско урбано и зелено Скопје мора да продолжи.

„Ајде да се обединиме за модерен град кој вложува во иднината, а не во минатото. Да дадеме поддршка за Скопје кое ги поддржува младите да градат семејства тука и кој силно вложува во здрава иднина, чист воздух и модерна инфраструктура“, повика Шилегов на денешната прес-конференција, затоа што, напомена, Скопје не смее да запре да расте и да го продолжи својот пат кон најразвиените градови во Европа.

На новинарско прашање за тоа дека Арсовска одбива да учествува на дебата со него, Шилегов рече дека на скопјани им должат соочување на концепти за развој на градот.

„Жал ми е што ги потценува нашите граѓани. Јас навистина не знам со било што дали воопшто нешто било кажано лошо, напротив зборувавме за црните кампањи и не сакам за тоа да разговарам. Не на мене, туку на граѓаните на Скопје им должиме дебата. Кон граѓаните на Скопје должиме соочување на концепти за развој на градот. Ирелевантно е кој од нас како се чувтвува. Овој град не е на ниту на ВМРО, ниту на СДСМ, овој град не е ниту на кандидатите за градоначалници ниту на постојниот градоначалник. Овој град е на скопјани. Скопјани одлучуваат за Скопје. Скопјани треба мериторно да одлучуваат по основ на тоа што ќе им биде понудено како концепт, а не како желби“, потенцираше Шилегов.