Шлаканица за Макрон од ЕУ

Голем удар доживеаја Франција, а со самото тоа и нејзиниот претседател Емануел Макрон кој настојува да биде лидер на Европската унија, вчера во Европскиот парламент кога пратениците ја одбија кандидатурата на Силви Гулар за европска комесарка.

Таа требаше да раководи со клучните ресори на Унијата, со внатрешните работи, индустријата, одбраната, глобалната политика, дигиталните прашања и со културата.

Меѓутоа, дури 82 пратеници гласаа против номинацијата на поранешната француска министерка и европска пратеничка, додека само 29 беа „за“.

Гулар, се чини, не ги задоволи европратениците уште во текот на своите напишани одговори, пред се затоа што нејзиното име се споменува во две истраги кои се однесуваат на фиктивно вработување во рамки на нејзината партија Модем, заради што имаше обврска во касата на Европскиот парламент да врати 45.000 евра што ги добил нејзиниот соработник додека таа била европратеник, иако тој извршувал партиски задачи, пренесува белградски „Новости“.

Таа беше прозвана и поради тоа што добивала дури 12.000 евра месечно од трустот на мозоци „Бергруен“, во период од 27 месеци, што вкупно изнесува 324.000 евра, и тоа само за учество во организацијата на неколку состаноци и пишување на два извештаи од по едвај петнаесетина страници.

Иако истакна дека против неа не е поднесено обвинение, тоа не и беше доволно за да помине.

„Ја сфаќам одлуката на Европскиот парламент, почитувајќи ја демократијата. Им се заблагодарувам на претседателот на Франција и на Урсула фон дер Лајен на довербата, како и на сите пратеници кои гласаа за мене“, одговори Гулар со порака преку социјалните прежи.

Франција сега ќе мора да одреди нов кандидат, како што претходно тоа го сторија Романија и Унгарија.

Отфрлањето на Гулар предизвика бура реакции на француската политичка сцена. Марин ле Пен рече дека со ова Франција е изолирана, а пак лидерот на левичарите Жан Лик Меланшон истакна дека државата е исмеана.

Официјален Париз, пак, смета дека Гулар е жртва на политички игри внатре во Европската комисија.