Шпанија им помага на домаќинствата со отплата на кредити

LinkSense.mk

Шпанската влада постигна начелен договор со банките за мерки за помош на повеќе од милион ранливи домаќинства да ги исплатат хипотекарните заеми, објави Министерството за економија.

Околу три четвртини од граѓаните на Шпанија се сопственици на станбени недвижности, а повеќето од нив ги купуваат со хипотекарни заеми со променлива каматна стапка. Со оглед на тоа дека Европската централна банка почна да ги зголемува каматните стапки во еврозоната, ним им се закануваат повисоки обврски за кредитите.

Според договорот постигнат вчера, банките ќе им помагаат на ранливите семејства чии примања се до 25.200 евра, со отплата на хипотекарните кредити преку дополнет кодекс на добри практики.

Загрозените домаќинства ќе можат да ги реструктуираат своите хипотеки по пониска каматна стапка за време на петгодишен грејс-период, во склад со сега важечкиот доброволен кодекс од 2012 година, кој станува задолжителен откако заемодавачите ќе го прифатат.

Грејс-периодот им овозможува на домаќинствата да ги одложат плаќањата на главнината без наплата на задоцнети такси, за да им се овозможи да го исполнат критериумот за уредно подмирување на обврските и да го задржат кредитот.

Периодот за мораториум на отплатата на кредитот е продолжен за две години и вклучува можност за повторено реструктуирање, соопшти министерството.

Загрозените семејства кои на отплата трошат повеќе од половина од своите месечни примања, а не го исполнуваат условот од досегашниот кодекс на добра практика за 50-отстотно зголемување на ратата на кредитот, можат да ја искористат можноста за двегодишен грејс период.

Владата дополнително ќе примени нов кодекс на добри практики за семејствата од средната класа кои се соочени со статусот на загрозени домаќинства, поставувајќи го плафонот за примања за помош на 29.400 евра.

Ним банките мора да им понудат можност за замрзнување на отплатата на 12 месеци, пониска камата на одложената главнина и подолг рок за враќање на кредитот доколку ратата им се зголемени за најмалку 20 отсто и должат повеќе од 30 отсто од месечните приходи.

Министерството за економија вчера не соопшти колку мерките би можеле да ги чинат банките, ниту колкав износ тие ќе треба да издвојат за да ги покријат можните загуби.

На крајот на август учеството на нефункционалните кредити во шпанските банки беше блиску до рекордно ниско ниво и изнесуваше само 3,86 отсто. Највисокото ниво го достигна во декември 2013 година, кога изнесуваше 13,6 отсто.

Владата ќе ги соопшти деталите од пакетот мерки во текот на денот, откако ќе завршат преговорите со банките.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)