Човекот и шумите отсекогаш биле поврзани со нераскинлива врска на меѓусебна зависност и надополнување, но за жал таа врска ја губиме со нашите постапки преку
кои за два до пет дена се пеплоса шума растена децении, пошумена да го одржува екосистемот на нашата држава.
Шумата е дар од природата. Затоа, во сите култури и кај сите народи постои култ кон шумата, кој будел восхит и страв и поттикнувал мисла дека шумата има необјаснива моќ и сила.
На 2 август оваа година избувнаа повеќе пожари, а го зафатија и Пијанечко-Малешевскиот регион каде покрај шумите, жителите од крајниот исток на државава беа погодени по личните материјални добра, изгореа куќи, крупен и сите добиток, пчелини семејства…
Од целата територија на Македонија 36 проценти се површини покриени со дрвја кои, меѓу другото, чуваат големи количини вода поради нивните големи димензии и анатомски-физиолошки карактеристики. Тие се важни регулатори на хидролошките процеси, особено оние кои вклучуваат подземно хидролошко и локално
испарување.
Силата на шумата е во воздухот што го дава, во сенката што ја прави, во водите што течат низ нејзиното зеленило. Шумата е столб на екосистемот.
Според првичните проценки од 28.000 хектари шума на територија на Општина Делчево, изгорени се околу 2.400 хектари или околу 8 проценти од вкупниот шумски фонд во Општината.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, во изјава за МИА информираше дека се уште не е утврдено колкава е направената материјална штета.
„Откако ќе биде завршен увидот на лице место од овластените државни субјекти ќе добиеме конкретни и точни податоци за вкупната штета. Поединечната штета ќе биде проценувана по поднесени барања на оштетените граѓани и по нив ќе постапи општинската Комисија за процена на штети од елементарни и други непогоди и тогаш ќе имаме конкретни податоци. Моментално им помагаме на сите кои имаат претрпено штета со храна за луѓето и храна за нивната стока“, истакна Трајковски.
(Фото: МИА)