Ѓоковиќ го демолираше Доминик Тим

„Останете мирни и верувајте во Новак Ѓоковиќ“. Тоа е пораката која Борис Бекер ја напиша на Инстаграм непосредно пред почетокот на мечот меѓу српскиот тенисер и Доминик Тим.

Се покажа дека бил во право, затоа што смиреноста беше токму тоа што му беше потребно на Ѓоковиќ во првиот меч од завршниот турнир во Лондон каде после пресврт дојде до победа – 6:7, 6:0, 6:2.

На крајот Ѓоковиќ ја крена раката високо, стегна тупаницата и на противниците им испрати јасна порака – Се вратив!

Доминик добро го почна мечот. Гемовите на сервис на Австриецот главно беа подолги, Новак бараше шанса, пропушти и брејк во четвртиот гем, но неговиот противник не се предаваше туку покажа дека местото му е меѓу осумтемина најдобри.

Првиот мал пад во играта српскиот тенисер го имаше во 11 гем кога му даде шанса на противникот да му го одземе сервисот. Се извлече од таа ситуација, а после тоа двајцата добро сервираа и сетот отиде во тај-брејк.

Австриецот подобро тргна и поведе со 2:0. Новак изедначи, а тогаш во петтиот поен одигра пребавно, Тим го „прочита“ и го пласираше топчето крај самата странична линија. Потоа следеше добар сервис на Доминик и негово водство од 6:3. Следуваа две едноподруго двојни сервис грешки на Тим по што Новак се врати во игра (6:5). Бекендот на австрискиот тенисер заврши во мрежата по што следеше изедначување (6:6) и смена на страните. Мрежата потоа му помогна на Тим. Новак одлично сервираше и излезе напред, но топчето го закачи врвот на мрежата и така Доминик поведе уште еднаш. После пет пропуштени сет топки шестата беше успешна за австрискиот тенисер.

Веднаш на стартот на вториот сет Новак го направи она што не му поаѓаше од рака во првиот – направи брејк, а после тоа и го потврди. Идентична работа направи и во следните четири гема, па на семафорот брзо стоеше 6:0!

После повеќе од 20 минути Тим дојде до гем, поведе на стартот од третиот сет (1:0). Но тоа немаше никакво влијание на Новак кој продолжи со успешната игра. За триесетина минути завршија и сетот и мечот.

Српскиот тенисер ја оствари првата победа во Лондон.