Фудбалерите на Јувентус доживеаја убедлив пораз од Наполи со резултат 5:1. Ова беше натпревар кој беше окарактеризиран како клучен за надежите „старата дама“ оваа година да ја освои титулата на Апенините. Сепак, кога беше најпотребно, црно-белите целосно потфрлија.
Наполи, како ретко кој во изминатите 20 години, ги понижи момчињата од Торино кои вечерва на стадионот „Диего Марадона“ во Неапол изгледаа како аматери, посебно бразилскиот дефанзивец Бремер.
Домашните во 14. минута дојдоа до предност. Виктор Осимен користи одбиена топка во шеснаесетникот и ја испраќа во мрежата за водство на Наполи од 1-0.
По голот на домаќините, Јувентус тргнува офанзивно. Анхел Ди Марија ја затресе пречката, Милик имаше добар обид, но топката не влезе во мрежата.
Избраниците на Лучиано Спалети максимално ги искористија шансите. Во 39. минута Осимен ја искористи грешката на Бремер, го запослува Квартискели, кој рутинирано погодува за 2:0.
Јувентус се враќа во игра во 42. минута од натпреварот. Анхел Ди Марија постигнува погодок за 2:1 и се чинеше дека овој натпревар во продолжението ќе биде многу возбудлив.
Тоа, сепак, не се случи. Во мрежата на гостите влезе речиси се што упатија кон голот.
Наполи го зголеми водството во 55. минута. По центаршутот на Квартискели од корнер, Амир Рахмани постигнува сјаен гол за водство.
Десет минути подоцна четврти гол во мрежата на гостите од Торино. Квартискели е асистент, а Осимен стрелец покрај заспаната одбрана на „Јуве“ за 4:1.
Точка на овој натпревар беше ставена во 72. минута. Елмас погоди за 5:1, што беше и конечен резултат на оваа средба.
Со оваа победа Наполи отиде на 10 бода предност во однос на Јувентус и им ја прекина серијата од седум последователни победи во првенството.
(Фото: ЕПА)