Јунајтед го сака Ибрахимовиќ уште една сезона

Тренерот на Манчестер јунајтед Жозе Мурињо рече дека сака да го задржи Златан Ибрахимовиќ уште една сезона, односно дека сака да ја искористи опцијата и да го продолжи договорот со фудбалерот до 2018 година.

„Се чувствувам свежо, во форма, и ако се чувствувам како што се чувствувам сега најверојатно ќе бидам тука и следната година. Сакам да бидам реален со себе. Сакам да бидам во состојба да играм како што можам и да не го губам времето. Засега одговорот е да, но морам да завршам некои разговори“, рече Ибрахимовиќ.

Овој напаѓач во октомври наполни 35 години. Тој летото без обештетување дојде во Манчестер јунајтед од Пари Сен Жермен.

Кариерата меѓу „ѓаволите“ ја почна со четири гола во четири натпревари во Премиер лигата, но после тоа даде само три во наредните дванаесет.

„Тој е среќен, посветен и го сака својот живот како фудбалер на Манчестер јунајтед. Ова најверојатно е неговиот последниот голем предизвик во кариерата. Ми се чини дека е добро тука да ги помине следните 18 месеци, а потоа одлуката за иднината ќе биде во негови раце“, рече Мурињо.