Џафери се сретна со Бејли и Тимоние

LinkSense.mk

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средби со амбасадорот на САД, Џес Бејли и со амбасадорот на Франција, Кристиан Тимоние.

Двајцата амбасадори му честитале за изборот.

Бејли истакнал дека ова е прв и мошне важен чекор кон консолидација и стабилизација на политичката ситуација во Македонија.

Од Собранието соопштија дека Џафери го информирал Бејли за преземените чекори кон формирање на Влада, односно за уставната процедура, подвлекувајќи дека тој е должен да ги спроведе и да одговара за сите негови ингеренции откако ќе му биде доставен Предлог за состав на Влада и Програма за работа.

„Двајцата соговорници разменија конструктивни мислења и по други актуелни и сензитивни прашања сврзани со немилите настани од 27 април, за новонастанатите околности и одредени перцепции по преземањето на функцијата претседател на Собранието, за модалитетите на нивното решавање и надминување, како и за местото, улогата и дејствувањето на сите државни институции, особено трите највисоки, во наредниот период“, информираа од собраниската прес служба.

На средбата било изразено очекување дека и кај двете страни ќе преовлада чувството на висока политичка свест и одговрност над одредени наметнати или испровоцирани состојби за да се смират тензиите и мирно воспоставување на демократските процеси во државата.

„Во текот на разговорот, особен акцент беше ставен на очекувањата и на сите граѓани на Република Македонија, како и на меѓународната заедница, Република Македонија, што побрзо и што поквалитетно да продолжи на патот кон Европската унија и НАТО, при што беше истакната безрезервната поддршка на САД на овој план“, се наведува во соопштението.

На средбата со Тимоние, амбасадорот го реафирмирал ставот дека со овој чекор ќе започне низата од следните чекори кон конечно формирање на новата Влада.

talat-timone

„Соговорниците споделија свои видувања и за евентуалните непосакувани чекори во оваа смисла, при што господинот Џафери го реафирмираше својот став дека местото за дебата и за соочување на политичките ставови и мислења е Собранието на Република Македонија, бидејќи тој е легитимен орган на граѓаните на Република Македонија, а сите останати ставови искажани од претставници на високи државни институции не смеат да бидат пречка за конечно заокружување на веќе започнатите демократски процеси, кои се без алтернатива. Во таа насока, процедурата за избор на нова Влада ќе претставува почеток на реализација на ингеренциите на новиот претседател на Собранието, врз основа на Уставот, законите и Деловникот на Собранието“, стои во соопштението.

Покрај ова, соговорниците размениле мислења и по актуелната позиција на Македонија на регионален и на меѓународен план.