Џеф Безос утре оди во вселената

Најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, утре ќе се придружи на тимот астронаути на првото лансирање во вселената на неговата фирма „Блу Ориџин“, што е уште еден клучен момент во големиот месец за новата индустрија за вселенски туризам.

Неколку дена претходно основачот на „Вирџин Галактика“, Ричард Бренсон, одлета во вселената, со што го претекна основачот на „Амазон“, Безос во вселенската трка на милијардерите.

Меѓутоа, целите на „Блу Ориџин“ се многу поамбициозни – во смисла на висината до која ќе се искачува леталото на Безос, „Њу Шепард“, но и на други детали што се однесуваат на иднината.

Безос ја основаше „Блу Ориџин“ во 2000 година, со цел еден ден да изгради лебдечки вселенски колонии во кои ќе работат и живеат милиони луѓе.

Денес фирмата ја развива орбиталната ракета „Њу Глен“ и летало за слетување на месечината „Мун“. Надлежните се надеваат дека ќе воспостават соработка со НАСА во рамки на програмата „Артемис“.

„Имаа 15 успешни летови на ‘Њу Шепард’ без екипаж и со години чекавме да видиме кога ќе почнат да летаат и луѓе“, изјави за АФП, Лаура Форчјук, основач на вселенската консултантска фирма „Астралитикал“, додавајќи дека станува збор за „возбудливи времиња“ за ентузијастите.

„Њу Шепард“ ќе биде лансиран во 8 часот по локално време (15 часот по средноевропско време) утре, на 20 јули, од местото Лаунч Сајт Уан, во пустињата на западот на Тексас.

Местото на лансирањето е одалечено околу 40 километри од најблискиот град, Ван Хорн.

Настанот ќе се пренесува во живо на BluOrigin.com.