Џил Бајден во посета на Романија и Словачка

LinkSense.mk

Првата дама на САД, Џил Бајден, од 5 до 9 мај ќе ги посети Романија и Словачка за да се сретне со американски дипломати и војници и со раселени украински родители со деца, хуманитарни работници и наставници, соопшти денеска нејзиниот кабинет.

Прво, на 6 мај, во Романија, во воената воздухопловна база „Михаил Когалницеу, сопругата на американскиот претседател ќе се сретне со американски војници, а потоа ќе замине во Букурешт и ќе се сретне со претставници на романската влада, членови на американската амбасада.

Во недела, на 8 мај, Џил Бајден ќе има средба со мајки и деца од Украина кои ги напуштиле своите домови по рускиот напад. Тој ден во Америка се одбележува како Ден на мајката.

Патувањето вклучува и посета на словачките градови Братислава и Кошице, каде сопругата на Бајден ќе се сретне со владини претставници, бегалци и хуманитарни работници.

Во неделата претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, престојуваше во Киев, каде што се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.