Џонсон: Британија и СЗО ќе развиваат „пандемиски радар“

Велика Британија заедно со Светската здравствена организација (СЗО) ќе работат на развојот на „пандемиски радар“, систем што ќе помогне брзо да се идентификуваат сите нови соеви на коронавирусот и да се следат болестите на глобално ниво, осигурувајќи дека светот „никогаш повеќе нема да биде фатен неподготвен“.

Британскиот премиер Борис Џонсон го соопшти планот за стартување на „Глобален пандемиски радар“ во пресрет на самитот на членките на Г20 за глобалното здравје, што во петок ќе почне во Рим.

Од кабинетот на Џnонсон соопштија дека овој проект ќе вклучува мрежа од набљудувачки центри што можат да го следат можното појавување епидемија и да споделуваат податоци за соевите на вирусите и отпорноста на вакцината.

Џонсон го користи британското претседателство со Г7 за да ја нагласи потребата за подготвеност за идните пандемии и да воспостави работна експертска група која ќе испита како може да се забрза развојот на вакцините против идните болести.

-Справувањето со Ковид-19 на глобално ниво и обезбедувањето подобра подготвеност за идните закани по нашето здравје е апсолутен приоритет за британското претседателство на Г7, рече Џонсон.

„Ние мораме да изградиме систем за надзор на болестите што одговара на 21-от век, што ќе овозможи споделување на податоците во реално време и брзо геномско секвенционирање и одговор“, нагласи британскиот премиер.

Велика Британија на 3 и 4 јуни ќе биде домаќин на состанокот на министрите за здравство на Г7, а една недела подоцна на југо-западот од Англија самит ќе одржат и лидерите на државите од оваа група.