Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави вчера дека некои руски бизнисмени понудиле финансиска помош за Украина и нејзината војска. Зборувајќи за руските медиуми преку видео врска, Зеленски рече дека добил „сигнали“ од неколку руски бизнисмени, вклучувајќи го и милијардерот Роман Абрамович, близок до Владимир Путин, кој е под санкции од Европската унија и Велика Британија.
„Добивме сигнали од него и некои други претприемачи кои ни рекоа: ‘Можеме да помогнеме на овој или оној начин, можеме да направиме нешто’…“, рече тој.
„Некои рекоа дека се подготвени да помогнат во обновата на земјата по војната. ‘Подготвени сме да ги префрлиме работните места во Украина, живееме во Англија или некаде во Швајцарија, го сакаме тоа. Но, што можеме да направиме за повеќе да не бидеме на листата за санкции’?“, посочи Зеленски.
„Некои не сакаат да го откријат името и велат дека сакаат да и помогнат на нашата армија, иако се државјани на Руската Федерација“, рече украинскиот претседател. Тој истакна дека Украина, без разлика кои се бизнисмените кои сакаат финансиски да ја поддржат украинската армија, е подготвена „да ја гарантира нивната безбедност, да им обезбеди работа и да им овозможи развој на бизнисот“.
„Зборувам конкретно за санкции во нашата земја. Можеме да зборуваме за нив, можеме да зборуваме за промена на државјанството на тие луѓе“, рече тој, нагласувајќи дека „тоа не мора да се прави јавно“.
Според Волстрит журнал, во средата, Зеленски побарал од Џо Бајден да не го санкционира Роман Абрамович, оценувајќи дека тој може да посредува во мировните преговори меѓу Украина и Русија.