„Роман Абрамович најверојатно е отруен со нервен агенс кој е сличен на сарин или новичок“, изјави експерт за британски „Телеграф“, откако е објавена интригантната вест дека рускиот олигарх и двајца украински преговарачи почувствувале симптоми на труење во Киев, каде што на почетокот на овој месец биле на неформали преговори со руска делегација за ставање крај на украинската војна.
Сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи, кого британската влада го санкционираше заради неговите врски со рускиот претседател Владимир Путин, наводно во текот на преговорите конзумирал само чоколадо и вода, но само неколку часа подоцна почнал да се жали на болки во очите и воспалена кожа која на неговото лице почнала да се лупи, а накратко и целосно ослепел.
Споменатите симптоми можат да се поврзат со труење со три хемикалии: порфирини, бициклички супстанции или органофосфати.
Анонимен американски официјален претставник, меѓутоа, изјавил за „Ројтерс“ дека влошувањето на здравствената состојба на Абрамович не е последица на труење, туку дека на тоа влијаеле „фактори на животната средина“. За кои точно „фактори“ се работи во случајов, останува непознато.
Но, новинарите на „Вол Стрит Журнал“ и на истражувачкиот портал „Белингкат“, кои речиси во истовреме ја објавија приказната, укажуваат за тоа дека експерти, врз основа на примероците земени за анализа, заклучиле дека недвосмислено станува збор за труење, само не е јасно конкретно со што.
Органофосфатите се хемикалии кои инаку се користат како пестициди, а во нервни агенси биле претворени во Втората светска војна, кога саринот првпат бил употребен.
Делуваат така што го попречуваат производството на ензимот ацетилхолинестераза, кој е неопходен за правилно функционирање на нервните клетки. Тоа води до фактот дека сигналите не можат да се пренесат низ целото тело, што резултира со сеприсутно нарушување и стрес, а ако дозата е доволно голема, може да предизвика и смрт.
„Со такви хемикалии најверојатно е отруен и Абрамович“, изјави за Телеграф полковникот Хамиш де Бретон-Гордон, поранешен командант на НАТО.
„Се чини дека бил користен органофосфат, кој всушност е нервен агенс. Тоа е ‘модус операнди’ (начин на работа) многу сличен на операциите на ГРУ (Разузнавачка служба на Русија) против Александар Литвиненко и Сергеј Скрипал и на операциите на ФСБ (Федералната служба за безбедност на Руската Федерација) против Алексеј Навални. ‘Смрди’ на Русија, но ќе треба да почекаме и да видиме дали ќе се појави какво било медицинско досие“, додаде тој.
Хамиш де Бретон-Гордон напоменува дека Абрамович мора да бил отруен со прилично мала доза со оглед на фактот дека преживеал, а останува непознато дали подоцна бил лекуван со противотровот атропин.
Симптомите на труење со органофосфати вклучуваат потење, губење на меморијата, збунетост и главоболки, а се слично на наведеното имаше рускиот милијардер.
Друга опција за труење е со порфирин – станува збор за група хемикалии кои можат да предизвикаат оштетувања на црниот дроб и на нервниот систем. Лицето може да има симптоми како што се гадење, болка во градите, проблеми со дишењето, проблеми со мокрењето и отечена и болна кожа.
Како можна причина за труење на Роман Абрамович се споменуваат и бициклички супстанци – тоа е серија хемикалии кои вклучуваат аматоксини, активната супстанција во отровните печурки.
Постојат најмалку девет аматоксини и сите тие брзо минуваат низ човечкиот систем бидејќи лесно се апсорбираат во телото. Затруениот човек може да умре за неколку часа, а симптомите на труење вклучуваат оштетување на црниот дроб и бубрезите, главоболка, иритација на кожата и мачнина.
Извор близок до Абрамович изјави дека е уверен дека зад труењето стојат некои луѓе блиски до Кремљ, а дека целта им била да го саботираат склучувањето на каков било мировен договор и, во најмала рака, да ги предупредат учесниците во тогашните неформални преговори.
„Тоа можеше да биде некој од Кремљ кој мисли дека обидот за да се договори примирје е предавство“, појасни изворот за „Телеграф“.
Абрамович на споменатите преговори, кои се одржани во доцните вечерни часови на 3 март во Киев, наводно, не бил единствениот руски бизнисмен, но името на другиот бизнисмен засега не е откриено.
Симптомите милијардерот почнал да ги чувствува во раните утрински часови следниот ден, во станот во Киев во кој ја поминал ноќта. Еден извор наведува дека тој целосно ослепел неколку часа, а лекарски третман добил во Истанбул, каде што одлетал од Полска до која, пак, стигнал по пат.