Авганистанските бунтовници завзедоа неколку бази на Обединетите нации, ги претресувале канцелариите сите од ред и барале од стражарите да обезбедат храна за нивниот командант и неговите луѓе, се наведува во интерниот извештај на ОН.
„Талибанците не посоветуваа да останеме во комплексот заради наша безбедност што значи дека мораме да бараме дозвола за напуштање на просториите“, се наведува во документот на Одделението за безбедност и сигурност (УНДСС).
Во извештајот се наведува дека Талибанците не биле доследни во постапувањата со персоналот на Обединетите нации, затоа што на Авганистанците кои работат за организацијата им го оневозможиле влезот во некои простории во базата.
Талибанците не одговорија на молбата на Ројтерс да го искоментираат овој извештај на ОН, но нивниот портпарол, Забихулах Муџахид, изјави на конференција за новинари дека исламистичката група „настојува да одржи добри дипломатски односи со другите земји и сака странските амбасади да останат отворени“.
Кога Талибанците на 15 август ја превзедоа власта во Авганистан, Обединетите нации имаа околу 300 странци вработени во канцелариите и базите на светската организација и околу 3.000 Авганистанци, а до сега околу 100 службеници се преместени во Казахстан од каде продолжија да ги извршуваат своите работни задачи.
(Фото: АП)