Одборот на австрискиот парламент за прашања за пратенички имунитети ќе расправа денеска за барањето за укинување на имунитетот на лидерот на Народната партија (ОВП) и поранешен канцелар Себастијан Курц.
Обвинителството за стопански криминал и корупција побара укинување на имунитетот на некогашниот канцелар заради истрага во врска со проневера и поткуп.
Одборот за укинување на имунитет, со кој претседава Селма Јилдирим, ќе предложи укинување на имунитетот на Курц, а за тоа ќе гласаат и пратениците од ОВП, партијата чиј претседател е тој, соопштија денеска од парламентот.
Тоа значи дека на седницата на парламентот закажана за четврток ќе биде донесена одлука за укинувањето на пратеничкиот имунитет на Курц, после што обвинителството ќе може да ја продолжи истрагата.
Обвинителството води две истраги против Курц.
Првата е поврзана за наводни лажни искази дадени пред парламентарниот истражен одбор во врска со коруптивната афера „Ибица“.
Иако Курц на 3 септември после сослушувањето од страна на судијата рече дека ги отфрла сите обвиненија, дека ништо од наведеното во нив не е точно, обвинителството побара од парламентот „да им го поредадат без пратеничка заштита“.
Втората истрага се води во врска со обвинение за проневера и поткуп, заради кои Курц мораше да поднесе оставка на местото шеф на владата.
Курц ја поздрави одлуката за укинување на пратеничкиот имунитет.
„Не можам да оценам што се случувало во 2016 година во Министерството за финансии, но едно е сигурно, а тоа е дека јас не сум сторил кривично дело, како што тоа го покажуваат и анализите на правните експерти, а тоа и ќе го докажам. Заради тоа ме радува фактот што истрагата ќе може да напредува. Лажните обвиненија против мене можат многу брзо да се отфрлат“, напиша Курц во соопштението.
(Фото: АП)