Температурите, особено утринските, кои во наредните денови ќе се спуштат и до минус четири степени, може да бидат катастрофални за овошјето и за виновата лоза, предупредуваат агрометеоролозите.
Посебно е критична сабота, кога се очекува да дојде до разведрување на територија на цела Македонија што, според нив, ќе значи и постудено време. Затоа препорачуваат преземање соодветни и навремени мерки за заштита.
И -0,5 степен може да предизвикаат штети кај овошките што веќе имаат формирано плод и кај овошките и виновата лоза, кои во овој момент се во ниски фази на развој, почеток на вегетација и појава на првите листови и цветови, заради што се препорачува третирање со препарати против мрзнење кои се со продолжено дејство и класични методи на зачадување со палење растителни отпадоци или оросување со вештачки дожд доколку има инсталиран систем за наводнување додека температурите се негативни, два часа пред изгревање на сонцето и два часа потоа, додека не се постигнат позитивни температури.
За есенските посеви промената на времето не е критична.
Проблем, меѓутоа, може да има и во градинарството, на отворено, или ако просторот не е добро заштитен кај покриените.