– ТППЕ Гевгелија со помош на механизација од ЈПКД „Комуналец“ повеќе од една недела, поради ветерот кој секојдневно дува, сè уште се бори целосно да го изгасне огнот што се појави на дивата депонија во Гевгелија и да го отстрани чадот кој се шири низ делови од градот особено во раните утрински часови.
– -Постојано интервениравме со цистерни вода и огнот некако успеавме да го изгаснеме, но ветерот оневозможува целосно да биде изгаснат. На места сè уште тлее запалениот комунален отпад чие што чадење исто така е посмирено откако беше извршено третирање на отпадот со багери, рече Игор Ризов, командир на ТППЕ Гевгелија.
Тој нагласи дека викендов успеале ситуацијата со дивата депонија да ја стават под контрола и дека ветерот моментно иницира само повремено чадење од запалениот дел на депонијата.
Заедничката акција на ТППЕ Гевгелија и ЈПКД „Комуналец“ продолжува така што на терен останаа дежурни со една цистерна и еден багер кои би интервенирале при повторно активирање на жариштето.