Американскиот технолошки гигант „Амазон“ најави денеска дека отвара 75 нови работни места ширун своите мрежи на магацини и центри за дистрибуција во Соединетите Американски Држави и Канада и дека ќе понуди бонус од 100 долари на новите вработени кои поседуваат потврда дека се вакцинирани против ковид-19.
Од „Амазон“ додаваат дека на тие работни позиции нудат просечна плата од 17 долари за еден час, што е одраз на неодамнешното зголемување на заработувачката, и поголеми плати во распон од 50 центи до три долари за час за повеќе од половина милион вработени во Америка кои работат во таа компанија, пренесе Си-Ен-Би-Си.
Нудењето на бенефити за да се привлечат кандидати е се пораширена појава меѓу американските фирми кои бараат работна сила на кадровски се посиромашниот пазар на труд.
Критичарите, пак, тврдат дека работодавачите би требало да ги разгледаат своите одлуки за зголемувањето на платите заради привлекување работници, додава Си-Ен-Би-Си.
Одеделни компании, меѓу кои и „Мекдоналдс“, велат дека имаат проблем да најдат работници што го припишуваат на проширените погодности кои ги имаат невработените, заради што најавија зголемување на платите.
Од исти причини и „Амазон“ нуди бонус до 1.000 долари за потпишување договор за работа на некои работни места.
Оваа компанија водеше агресивна политика на вработување на нови лица во текот на пандемијата од корона вирусот, при што вработи дури 500.000 работници во 2020 година за да успее да одговори на големиот скок на побарувачките на купувачите преку интернет.