„Соединетите Американски Држави отфрлаат какво било решение за Кипар кое би вклучувало две држави, што овие денови го предложи и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, рече американската потсекретарка за политички прашања, Викторија Нуланд.
Прашана во текот на парламентарното сослушување за тоа дали ја отфрла американската администрација таквата опција, Нуланд одговори: „Да, апсолутно“.
„Мислиме дека само процесот што би го воделе Кипраните, од двете зони и двете заедници, можеда донесе мир и стабилност на Кипар“, рече Нуланд.
Во текот на посетата на северениот, турски дел на Кипар, претседателот Ердоган истакна дека „никаков напредок во преговорите не може да се направи ако не се прифати фактот дека на островот постојат два народи и две држави“.
Кипар е поделен меѓу Република Кипар, членка на Европската унија, која има власт на јужниот дел на островот, и самопрогласената Турска Република Северен Кипар, прогласена во 1983 година, која единствено е призната од Турција.
Турскиот претседател, исто така, прогласи продолжување на повтореното отварање на Вароше, фантомски град, симмбол на поделбата на овој медитерански остров.
Преговорите за судбината на Кипар се во застој од 2017 година. Во април, обидот за повторно покренување на разговорите во организација на Обединетите нации, кои ја надгледуваат тампон зоната меѓу двата дела на островот, заврши без успех.