Македонија се движи во погрешна насока, политичката ситуација во земјата е тензична и несигурна, најодговорни за тоа се ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Ѓорге Иванов, а излез од кризата треба да се бара во избор на влада од мнозинството пратеници.
Вака гласат резултатите од најновото истражување на американскиот Националниот демократски институт за перцепцијата на македонските граѓани за моменталната политичка ситуација во земјата.
Истражувањето е спроведено во периодот од 17 до 21 март и со него се опфатени 807 испитаници.
Анализата на добиените одговори, генерално, упатува на дијаметрално различни ставови меѓу испитаниците од аспект на нивната етничка припадност, но и возраста и степенот на образование.
Исто така, се укажува на тоа дека значително влијание врз перцепциите на граѓаните, посебно на етничките Македонци, имаат содржините што ги пласираат електронските медиуми, пред се Сител и Канал 5 што се посочени од највисок процент на испитаници како најгледани телевизии за политички вести.
Речиси две третини од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока, наспроти само осум проценти кои веруваат дека оди во вистински правец.
Можеби, првпат по една и пол деценија, односно по завршувањето на воениот конфликт во земјава и потпишувањето на Рамковниот договор, политичката ситуација се враќа на врвот на листата на проблеми што граѓаните ги посочуваат како најгорливи во државата, за разлика од изминатите години кога приоритет им се даваше на социјалните и егзистенцијални прашања.
Политичката криза, односно општата политичка ситуација е наведена како главен проблем и тоа од дури 44 проценти од граѓаните. Потоа следат невработеноста, сиромаштијата и економската криза, а во топ пет проблемите е вброена и албанската платформа, заедно со федерализација и двојазичност.
Од друга страна, се посочува дека дури 81 отсто од граѓаните не ја прочитале платформата на албанските партии, а само 1,8 отсто сметаат дека таа треба да биде приоритетна работа за новата влада.
Интересно во овој дел е и тоа што на листата на најсериозни проблеми се најде и името на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Со оглед на тоа што прашањето било отворено, односно не се посочени можни одговори, туку испитаниците сами наведувале најмногу две теми, Заев како проблем го посочиле 4,5 отсто од испитаниците.
Секој втор граѓанин во Македонија ја опишува моменталната политичка ситуација како тензична и нестабилна, а како мирна и стабилна ја доживуваат само 3,3 проценти.
Највисоки проценти од вкупниот број испитаници сметаат дека најодговорни за политичката ситуација се ВМРО-ДПМНЕ (15,6 отсто) и претседателот Иванов (14,7 проценти).
Сепак, се воочува дека Македонците и Албанците имаат различни перцепции за одговорноста на политичките актери.
Македонците и останатите етнички групи во поголем процент веруваат дека албанските партии, албанската платформа и СДСМ се поодговорни за моменталната ситуација, во споредба со Албанците за кои најодговорни се ВМРО-ДПМНЕ и Иванов, но одредена одговорност гледаат и кај ДУИ.
Најголем процент од сите анкетирани или една третина веруваат дека формирањето влада во Собранието од мнозинството пратеници е решение за моменталната ситуација.
Потоа следи можноста за нови парламентарни избори, што како решение ја посочува секој четврт граѓанин.
Една третина од Македонците и останатите етнички заедници се на мислење дека излезот треба да се бара преку нови парламентарни избори а една петтина смета дека решение за кризата е формирање на влада од страна на мнозинството во Собранието.
Од друга страна, Албанците во најголем дел (84 проценти) веруваат дека влада може да биде избрана и без претседателот Иванов да го додели мандатот, додека само една четвртина од Македонците и останатите етнички заедници го делат таквото мислење.
Шест од десет Македонци и девет од 10 Албанци сметаат дека мнозинството во парламентот може да формира влада а половина од граѓаните верува дека СДСМ има право да ја предводи владината коалиција.
Меѓу испитаниците Албанци 72 проценти веруваат дека излезот од политичката криза е во формирање влада, додека за 20 проценти излезот е во вклучување на меѓународната заедница.
Во истражувањето на НДИ се наведува дека граѓаните кои политичките вести ги гледаат најчесто на ТВ Сител и Канал 5 во поголем процент веруваат дека излезот од моменталната криза е во нови парламентарни избори, додека повеќето гледачи на Телма, ТВ 24 и Алсат М се на став дека решение е формирање влада од мнозинство пратеници.
Кај Македонците претседателот на државата е институцијата во која најмногу веруваат, додека за Албанците најмногу му веруваат на Специјалното јавно обвинителство, кое е на второ место според Македонците.
Речиси 60 отсто од граѓаните сметаат дека треба да биде продолжен мандатот на Специјалното јавно обвинителство за да гони кривични дела произлезени од прислушуваните материјали.
Судовите и Јавното обвинителство, пак, се институциите на кои најмалку им се верува во Македонија.
Како е посочено во анкетата на НДИ, образованието на граѓаните е поврзано со степенот на доверба во институциите на државата.
Граѓаните со високо образование имаат помалку доверба во претседателот, Собранието, судовите и во јавното обвинителство.
Од друга страна, оваа група граѓани главно искажува поголема доверба кон СЈО, во споредба со граѓаните со понизок степен на образование.
Додека 70 отсто од граѓаните на возраст од 35 години сметаат дека мандатот на СЈО треба да биде продолжен, повозрасните групи граѓани во помал процент го делат тоа мислење – 58 проценти од граѓаните на возраст од 35 до 54 години и 50 отсто од граѓаните над 55-годишна возраст.