Најбараниот наркодилер во Колумбија и водач на Заливскиот клан, Даиро Антонио Усуго, познат по прекарот Отониел, уапсен е вчера во операција која ја спровеле колумбиските вооружени сили, потврдија воени извори.
Колумбија за информации за Отониел понуди награда од три милијарди пезоси (околу 800.000 американски долари), додека америкаската влада издвои пет милиони долари за помош тој да се лоцира.
Американскиот Стејт Департмент го опиша Отониел како „силно вооружен и многу насилен“.
Како што објави Си-Ен-Ен, ова апсење е најголемиот удар на наркомафијата во Колумбија.
Претседателот Иван Дуке го поистовети саботното апсење со фаќањето на Пабло Ескобар пред три децении.
„Ова е најголем пораз на трговијата со дрога во нашата земја во овој век. Може само да се спореди со падот на Ескобар во 90-тите“, рече Дуке.
Во операцијата за апсењето на наркобосот загина еден полицаец.
Отониел прво бил левичарски герилец, потоа десничарски паравојник, а потоа станал водач на криминалната банда Заливски клан (Clan del Golfo).
Тој е обвинет дека во САД испорачал десетици пратки кокаин, а како што наведе Дуке, нему на товар му се ставаат и убиство на полицаец, сексуално злоставување деца и врбување малолетници.
Картелот на чие чело бил се состои од поранешни членови на терористички организации кои користат насилство и застрашување за да ги контролира рутите за трговија на наркотици, лабораториите за преработка на кокаин, појдовните точки на глисерите и тајните места за слетување на авионите.
Властите соопштија дека разузувачите од САД и Велика Британија довеле повеќе од 500 војици и припадници на колумбиските специјални полициски сили во засолништето а Отониел во џунглата, кое било заштитено со осум безбедносни „прстени“.