Движењето „Одлучно за промени” ги објави имињата на кандидатот за Градоначалник на Скопје и на носителот на листата за советници во главниот град.
Арбен Бени Шаќири ќе атакува на градоначалничкото место, а проф. д-р Никола Пановски ја предводи листата на кандидати за советници.
„Се работи за личности кои се исклучително ценети во својата професија, луѓе со авторитет, чесни и искрени, стари скопјани. Се работи за луѓе кои ќе работат во интерес на граѓаните, кои интересот на Скопје ќе го стават пред сè и над сè. Луѓе кои ќе обединуваат!“, рече на промоцијата лидерот на ЛДП, Горан Милевски.
Шаќири посочи дека се чувствува изневерен од тоа како се води градот во последните четири години и оти тоа му било мотив да се вклучи во изборот за градоначалник.
„Јас како активен учесник во рушење на еден режим дадов глас и се залагав сесрдно да помогнам да се менуваат работите на подобро. Јас како граѓанин на Скопје, сум лично изневерен. Така што, мислам дека треба да се обидеме сите заедно да направиме барем нешто што може да нè натера да успееме да го направиме овој град достоинствен за живот. Какви се денеска состојбите мене воопшто не ми се допаѓа и токму тоа е мојот мотив да се вклучам во овој процес, па макар и изгубил. Но, се разбира дека секој од нас оди понатаму, оди напред и се труди да дојде до победа. Без вас оваа наша намера нема да значи ништо, затоа ве молам да се приклучите на движење на ДОМ и ЛДП Одлучно за промени. Доста молчевме и доста дозволувавме да доаѓаат маргиналци и да не водат во пропаст. Конечно на Скопје му треба нормален градоначалник и нормален прв човек и носител на листа во Советот“, истакна Шаќири.