Интензивно продолжуваат подготовките за теренскиот попис, што ќе се спроведе во септември оваа година, информира портпаролот на Владата, Душко Арсовски на денешната пресконференција.
„Пописот во септември ќе се спроведе според највисоките статистички стандарди, нагласи Арсовски.
Тој додаде дека Владата е убедена оти сите чинители и граѓаните ја сфаќаат важноста од оваа операција, особено што државата има модерен закон и методологија што гарантираат дека пребројувањето на населението ќе биде според сите највисоки стандарди.
Арсовски соопшти дека конкурсот на попишувачи и инструктори ќе биде објавен на 20 јули, а ќе трае до 5 август. Аплицирањето ќе се одвива онлајн на веб страната за попис.
Процесот на тестирање и избор и објавувањето на конечните листи на избрани кандидати се очекува да заврши до 15 август.