„АстраЗенека“ во фабрика во Италија скрила 30 милиони вакцини, пишува денеска италијанскиот весник Ла Стампа.
Огромна количина од скриените вакцини во фабриката „Каталент Анањи“ (Catalent Anagni), како што се наведува во текстот, била подготвена за транспорт во Велика Британија.
Вакцините ги откриле италијанските власти по направената истрага која ја покренала Европската комисија.
Во Италија се наоѓаат вакцини за кои се борат Европа и Велика Британија. Оваа количина е од исклучително значење и за ЕУ и за кралството.
Што се однесува на Европската унија, оваа количина е двојно од тоа што земјите во Унијата досега добиле од „АстраЗенека“, додека за Британците таа е гаранција дека речиси 15 милиони граѓани ќе ја добијат втората доза од вакцината.
Во случајов, според наводите од истрагата, станува збор за вакцина која била делумно произведена во Холандија, а довршена во Италија.
„АстраЗенека“ има договор за дистрибуција на вакцини и со Европската унија и со Велика Британија.
Британскиот весник Ириш тајмс, наведува дека имало многу телефонски разговори меѓу Брисел и Лондон за испорака на вакцини и дека Унијата ги заострила мерките за извоз на вакцини само да ја примора „АстраЗенека“ да им испорача што повеќе дози.
„Очекувавме испораки во стотици милиони, а не примаме ниту четвртина од тоа“, им рече во вторникот на застапниците на производителите главната за преговори на Комисијата за вакцини, Сандра Галина.