Адама Бароу кој вчера положи заклетва како нов претседател на Гамбија, и понатаму во Сенегал го чека моментот кога ќе се врати во својата земја и ќе ја превземе власта.
Тој, од шокантната победа на декемвриските избори во малата, западноафриканска земја, од безбедносни причини се наоѓа во Сенегал.
Победата на Бароу Би-Би-Си ја опишува како уште поголем шок од победата на Трамп во Америка.
Противникот на Бароу, Јахја Џамах, владееше со Гамбија повеќе од две децении, но рече дека ако Господ така сака, на власт може да остане уште „милијарда години“.
Пред да биде избран за заеднички кандидат на седум опозициски партии, до септември лани, педесет и едногодишниот Бароу беше сопственик на агенција за недвижности.
Извесно време живеел и учел во Велика Британија, каде што за време на студиите работел како работник за обезбедување во една од продавниците на компанијата „Аргос“, во северен Лондон.
Британските медиуми јавуваат дека Бароу во една прилика извршил граѓанско апсење на крадец, кој подоцна бил осуден на шест месеци затвор.
За време на престојот во Англија, човекот кого го опишуваат како многу побожен муслиман, станат голем навивач на Арсенал.
Припадникот на етничката група Фула, Бароу, роден е во 1965 година, истата година кога Гамбија стана независна од Британија, во мало село во близина на Басе, на истокот на земјата.
Во својата кампања, вети поддршка на независен систем на правда и поголема слобода за медиумите и општеството.
Својот противник го опиша како „бездушен диктатор“ и вети дека ќе укине некои од неговите контроверзни потези, како на пример излегувањето од Комонвелтот и Меѓународниот суд на правдата.
Иако во 2013 стана благајник на опозициската Обединета демократска партија, многу од двата милиони жители на Гамбија немаа случнато за него се до изборите.
Партиските колеги го опишуваат како „чесен, скромен, вреден и реален човек“.
Сето тоа ќе му биде потребно како на нов претседател на Гамбија, држава во која власта никогаш не е сменета без проблеми.
И претходникот на Јахуа Џамах на власт дојде после државниот удар во 1994 година и симнувањето на тогашниот претседател Давди Џавар.
Часовникот отчукува за Џамах, кој одбива да се повлече затоа што смета дека изборите се нерегуларни.
Сенегалските и трупите на околните земји, со одобрение на Обединетите нации, веќе влегоа во Гамбија за да го натераат на тоа.
До тогаш Адама Бароу ќе чека.