Грбот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, кој се наоѓа на влезот во зградата на поранешното Министерство за внатрешни работи во улицата Кнез Милош во Белград, ќе биде сочуван.
Овој објект, уништен во бомбардирањето во 1999 година, наскоро би требало да биде срушен, а грбот на СФРЈ вграден во фасадата на една од новите згради кои ќе бидат тука изградени и на тој начин сочувани и спомените на ова монументално здание.
Градските власти во српската престолнина не сакале обележјето на старата држава да исчезне и барале начин „факелите“ да ги сочуваат од заборавот.
Затоа првите луѓе на Белград со месеци преговарале со израелската фирма „АФИ Јуроп“, која ја купила зградата.
„Ќе ја сочуваме камената капија и грбот на неа“, изјавил градскиот менаџер Горан Весиќ за белградски „Новости“.
Инвеститорот, додал Весиќ, на локацијата ќе изградел станбено-деловен комплекс, а на фасадата на еден од тие објекти ќе била „вградена“ капијата со грбот. Сакале, наведува, да го сочуваат обележјето од некогашната држава и биле среќни дека успеале во тоа.
Иницијатива да се сочуваат „факелите“ поднел и Сојузот на борците од Србија.