Официјален Берлин остро го критикуваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, оценувајќи дека тој предалеку отишол кога германската канцеларка Ангела Меркел ја обвини за примена на „нацистичка пракса“.
„Ние сме толерантни, но не сме наивни. Затоа на турскиот колега многу јасно му ставив до знаење дека со ова е помината границата“, изјави германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел.
Шефот на германската дипломатија коментарите на Ердоган упатени кон Германија на тема нацизам ги нарече „шокантни“.
Реакциите на германските власти уследија по обвинувањата на турскиот претседател дека канцеларката Ангела Меркел користи „нацистички мерки“.
„Сега користите нацистички мерки … Против кого? Моите турски браќа и браќата на министрите“, рече Ердоган во обраќањето кое го пренесуваше турската телевизија.
Вербалната војна меѓу Анкара и Европа се пресели и во медиумите.
На насловната страница на турскиот провладин весник „Гунеш“ објавена е фотографија (фотомонтажа) на германската канцеларка Ангела Меркел во нацистичка униформа и со нацистички поздрав и текст со наслов „Фрау Хитлер“.
Односите меѓу Германија и Турција во последно време не се најдобри затоа што Германија забрани одржување на политички собири на турските министри во таа земја, а по повод претстојниот референдум за уставните промени.
Во последните две недели Реџеп Таип Ердоган со своето самоволие и изјавите со закани не престанува да ја шокира европската јавност.
Како што се наближува референдумот во Турција на кој се одлучува за измените во уставот со кои турскиот претседател ќе добие поголеми права и широки овластувања, така и реториката од Анкара е се поостра.
Ердоган не пропушта момент да не ги навреди Холанѓаните и Германците, нарекувајќи ги „фашисти и остатоци од нацизмот“, а неговиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу стави масло на огнот со изјавата дека „Европа оди во амбис и верски судири“.