Минатата недела Министерството за финансии ја информираше Владата дека започнува со реформа која ќе ја унапреди фискалната децентрализација во земјава.
Предвидено е спроведување на повеќе мерки и активности, кои треба истовремено да го зајакнат фискалниот капацитет на општините и контролата за домаќинско, транспарентно и отчетно работење.
Се планира започнување на сеопфатен процес на јавни консултации со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), меѓународните развојни партнери, академската заедница, деловната заедница и останатите засегнати општествени чинители и низ еден инклузивен и транспарентен процес да се дојде до оптимални
решенија.
Во изминативе години донесени се повеќе мерки во насока на зголемување на сопствените приходи на општините. Таква е распределбата на приходите од продажба на градежно земјиште во сооднос 20:80% во корист на општините, понатаму распределбата на приходите од концесии од минерални суровини во сооднос 22:78% за општините и дополнителен приход од надоместок за производство на енергија од фосилни горива – еколошка такса.
Почнувајќи од 2013 година обезбедени се приходи од концесија на води за користење на водните ресурси за производство на електрична енергија, како и средства од закупнина на земјоделско земјиште во сопственост на Македонија на општините во сооднос 50% – 50%.
Градењето на добар и функционален систем на јавни финансии е основа за одржлив економски раст. Процесот на фискална децентрализација е дел од тој систем. Повеќе
истражувања покажуваат позитивна корелација помеѓу степенот на фискална децентрализација и нивото на економски развој. Просечното ниво на фискална децентрализација во развиените земји е повисоко во однос на земјите во развој.
Економскиот развој во повеќето земји во транзиција, исто така вообичаено е поврзан со раст на степенот на децентрализација. Но, секако оваа позитивна корелација е условена и со институционалниот т.е. фискалниот капацитет на локалната самоуправа, што во случајот на нашата земја може да биде и инверзен фактор во оваа позитивна корелација без зајакнување на капацитетите на локалната власт.
Сепак, постојат и исклучоци, како и различни модели на фискална децентрализација, кои зависат и од нивоата на власт.