После убиството на 13-годишно девојче во Виена, за што се обвинети авганистански баратели на азил, австрискиот канцелар Себастијан Курц остро реагираше, додека Германија, по исламистичкиот напад во Вирцбург се обидува да го сврти вниманието од проблемот, оценува германскиот весник „Билд“.
„Ветувам дека сторителите ќе бидат најстрого казнети. Јас никогаш нема да дозволам запирање на протерување во Авганистан и омекнување на законот за азил кон поднесителите на молби за азил кои го прекршуваат законот“, порача Курц.
„Билд“ истакнува дека Курц го кажува тоа што германските политичари ретко кога се осмелуваат да го споменат.
После нападот со нож на граѓани во Вирцбург, германската канцеларка Ангела Меркел се обрати на јавноста само преку својот портпарол Стефан Зајберт.
И покрај силните назнаки дека се работи за исламистички напад, таа зборуваше за „напаѓачот“ и за „стравичниот чин кој е насочен против човештвото и против секоја вера“, потсетува весникот.
Курц за „Билд“ изјави дека нема место за погрешна толеранција и дека не треба жртвите да се претвараат во извршители на делото.
Тој укажа дека по убиството на девојчето имало поединци кои прашале зошто тоа било само и дали родителите сносат одговорност, како и тоа дали избеглиците можеби се истрауматизирани.
„Во врска со тоа само можам да кажам дека се гадам од таквите изјави“, порача Курц.
Кога станува збор за однесување на германската влада политикологот од Дрезден, Вернер Пацелт, воздржаноста ја објаснува со тоа дека критиката кон муслиманите веднаш би била означена како „исламофобија и расизам“, како и тоа дека, кога недоволно јасно ќе се направи разлика меѓу муслиманите и исламистичкиот тероризам, следи обвинување дека се работи за предрасуди.
Исто така и други експерти укажуваа дека Германија молчи, затоа што не сака да укаже на грешката направена при приемот на преголем број избеглици кои не се подготвени да се интегрираат.
Инаку, австриската влада за денеска закажа состанок со експерти за да го разгледа проблемот со подносители на молби за добивање на азил кои го кршат законот.