Цената на биткоинот порасна за повеќе од 6,0 отсто и сега таа е 44.500 долари, покажуваат податоците на порталот Коин Метрикс, што е негово највисоко ниво од 5 јануари, кога се тргуваше за 47.013 долари.
Најголемата криптовалута во светот по пазарна капитализација, вчера попладне во 16.02 часот по источно време се тргуваше за 44.068,88 долари, пренесува Си-Ен-Би-Си.
Растот на вредноста на биткоинот започна во петокот, после објавувањето на силните јануарски податоци за вработеноста во САД, кои значително ги надминаа очекувањата.
Вредноста на биткоинот е повеќе од кога било претходно под притисок на различни шпекулации за идното економско движење на САД, заради што новите институционални инвеститори го третираат како ризично средство. Сепак, сеуште нема консензус за тоа како најдобро да се процени вредноста на биткоинот.
Оваа дигиталната валута, исто така, го следи и растот на цените на акциите на Волстрит, каде што главните берзански индекси минатата недела остварија големи добивки.
Сепак, пазарните експерти не го земаат „здраво за готово“ последниот скок на вредноста на биткоинот, особено откако минатиот месец двапати падна под нивото од 40.000 долари.