Велика Британија која го превзеде претседавањето во Советот за безбедност при Обединетите нации, има намера да ја спречи светската влада во текот на август да ја одржи редовната седница за состојбата на Косово, пренесуваат српски медиуми.
Тоа, според информациите, би било прв пат на Ист ривер да не се дискутира на оваа тема во тримесечен период.
Моментно во Советот за безбедност се водела расправа за програмата за работа за овој месец и Лондон не ја „кандидирал“ темата Косово, а и немало, затоа што сметаат дека состојбата таму е добра и дека за тоа нема потреба да се разговара.
Медиумите во Србија тврдат дека на тоа жестоко се противат Русија и Кина, а резултатот од оваа допломатска битка би требало да биде познат до крајот на неделава. Без оглед на ова, како што го оценуваат, подметнување на Британците, генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш секако подготвува редовен тримесечен извештај за состојбата на Косово.
Претходната седница посветена на Косово беше на 1 мај и уште тогаш официјален Белград стигнал до информацијата дека Велика Британија ќе се обиде ова прашање да го симне од дневен ред кога ќе биде на чело на Советот. Србија, во меѓувреме, испратила предупредување до Обединетите нации дека овој чин ќе го смета за антисрпски акт.
„Ова е очекувано. Очигледно е дека нив не ги интересира српскиот став. Тоа за нас е јасна порака“, изјави шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ по повод споменатите случувања во Советот за безбедност.
Британците, како и другите западни земји (САД, Холандија, Шведска…), веќе подолго време истакнуваат дека седниците на Советот за Косово треба д асе проретчат. Со оглед на тоа дека утврдувањето на дневниот ред е техничко, а не политичко прашање, на него не може да се стави вето и тој се усвојува се просто мнозинство. Тоа значи дека рускиот или кинескиот глас имаат иста важност како и останатите, а од 15 членки кои моментно ја сочинуваат светската влада, девет од нив го признале Косово како независна држава.
Извештаите на генералниот секретар на ОН за состојбата на Косово според резолуцијата СБ1244 се задолжителни, но во неа не се прецизира колку често треба да се поднесуваат, туку се укажува на тоа дека треба да бидат „во соодветни временски интервали“.
Ако во август „помине“ британската иницијатива, многу лесно би можело да се случи расправата за Косово да ја нема ниту на дневен ред во септември, затоа што тогаш со Советот ќе заседава Америка.
Освен петте постојани членки на СБ при Обединетите нации (Кина, Русија, Велика Британија, Франција и САД), меѓу десетте непостојани се Боливија, Перу, Брегот на Слоновата коска, Екваторијална Гвинеја, Етиопија, Казахстан, Кувајт, Холандија, Полска и Шведска