Британски истражители веруваат дека ги открија напаѓачите кои стојат зад нападот со новичок на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и на неговата ќерка Јулија, а станува збор за повеќе руски државјани, јави денеска агенцијата АП.
Тие двајца беа затруени во март во Англија и обајцата се опоравија.
Британските полицајци се сомневаат дека повеќемина Руси се замешани во обидот за убиство на таткото и ќерката и сега трагаат по нив, наведува американската агенција.
Истражителите ги идентификувале осомничените сторители на снимките од надзорните камери и ги споредиле добиените податоци со податоците за лицата кои во тоа време влегле во земјата, наведува АП.
Изминативе недели, британската антитерористичка полиција истражуваше и за убиството на жена која почина на 8 јули, само нешто повеќе од една недела откако беше изложена на смртоносниот отров новичок во близина на англискиот град Солсбери, каде што беа затруени Сергеј и Јулија Скрипал.