Врховниот суд во Лондон почна расправа за жалба поради одлуката на премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, да го почне излегувањето од ЕУ без изјаснување на Парламентот.
Неколку десетици поддржувачи и противници на Брегзит се собраа пред зградата на Судот. Некои од нив носеа пароли со кои им порачуваат на британските власти веднаш да почнат процедура за излегување, а други носеа знамиња на ЕУ.
Процесот се однесува на едно од најважните уставни прашања на оваа генерација, а тоа е дали британската премиерка може да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор со кој се регулира излегувањето од Унијата, без одобрување на Парламентот.
Адвокатот на поднесувачите на барањето, Дејвид Пеник, рече дека овој случај е од фундаментално уставно значење, затоа што „од него зависи рамнотежата меѓу законодавната и извршната власт – на парламентот и владата“.
Според неговите зборови, извршната власт не смее да ги одзема правата на граѓаните, барем не без претходно одобрување од парламентот.
Оваа постапка ја покренаа граѓани, од фризери до управувачи со пензиски фондови, при што некои од нив немаат против излегувањето од ЕУ, туку само против начинот на кој се спроведува волјата на Британците.
Тереза Меј ги обвинува дека сакаат да го „заобиколат“ резултатот од референдумот од 23 јуни годинава на којшто повеќето Британци се изјаснија за излегување од Унијата.
Таа најави дека до крајот на март 2017 година и официјално ќе ја почне постапката за раздружување која може да трае најмногу две години.
Премиерката тврди дека покренувањето за излегување е во надлежност на владата и дека одобрување од Парламентот не е потребно.