Британскиот весник „Гардијан“ (The Guardian) малку по малку ја објавуваше својата листа на најдобри фудбалери на светот, а на Бадник стигнаа до самиот крај, односно до последните 10 места.
Според овој угледен медиум, титулата најдобар му припадна на Роберт Левандовски, сјајниот Полјак, кој немилосрдно ги тресе мрежите во дресот на баварскиот гигант Баерн.
Левадовски беше изборот на „Гардијан“ минатата година кога, исто како и оваа, ведаш зад него беше Аргентинецот Лионел Меси.
Ѕвездата на ПСЖ, да потсетиме, неодамна ја освои Златната топка, по што многумина оценија дека тоа не е фер кон полскиот напаѓач, па така за тие истите сега оваа неправда е исправена.
Полјакот е првиот играч кој го задржал првото место по Лионел Меси во 2013 година. Тој беше на списокот на сите членови на жирито.
До средината на декември, Левандовски постигна 66 гола во 57 натпревари за клубот и за репрезентацијата.
На крајот од сезоната 2020-2021 ја освои својата седма титула во Бундеслигата, но со Баерн не успеа да го повтори триумфот во Лигата на шампионите. Предодреден е и следната година да се врати на листата, можеби дури и како победник трета година по ред“, се вели во образложението за неговиот избор.