Најмалку четири лица загинаа денес кога на североистокот на Бугарија товарен воз, кој превезуваше течен гас, излета од шините и експлодира.
Повеќе од 20 луѓе се здобија со тешки изгореници и скршеници во инцидентот што се случи во раните утрински часови во местото Хитрино, место со околу 800 жители, што се наоѓа во североисточната бугарска покраина Шумен.
Дваесетина згради се уништени, а некои објекти сеуште горат од пожарот кој го предизвика експлозијата.
Полицијата го евакуира локалното население од безбедносни причини.
Не се очекува уште една експлозија.
На местото на несреќата се наоѓа премиерот на Бугарија Бојко Борисов.
Дваесет и шест повредени во инцидентот во Хитрино се пренесени во болница во Шумен, од нив еден починал при укажувањето на медицинската помош.
Тројца од повредените со големи изгореници се префрлени во Военоморската болница во Варна. Други тројца, меѓу кои и жена со повреди на главата, се пренесуваат кон болницата „Св. Марина“, исто така, во Варна, соопштија од Министерството за правда.
Во моментов се спроведува крводарителска акција во градовите во околината на местото на трагедијата.
Во состојба на готовност се ставени дополнителни реанимациски екипи за испраќање на повредени во болницата во Шумен.
Осигурен е и воздушен транспорт за оние со посериозни повреди доколку постои потреба од нивно носење во специјализирани болници.
Две спасувачки екипи од пожарната во Велико Трново се наоѓаат на местото на трагедијата.
„Испративме специјализирано возило за извлекување и спасување на луѓе. На располагање е и мобилен команден пункт. Тој е еден од трите во државата и служи за собирање и обработка на информации од самото место. Во него може да заседава кризен штаб и од таму да раководи со сите спасувачки операции“, изјави шефот на регионалната дирекција за спасување, Димитар Крстев.
Во тек е истрага за утврдување на причините што довеле до трагедијата.