Бугарија започна со изградба на магацин за нуклеарен отпад близу својата нуклеарна централа на Дунав.
Бугарската министерка Теменушка Петкова денес рече дека проектот кај Козлодуј е „исклучително важен за развој на нуклеарната енергија во Бугарија“.
Радиоактивниот отпад од ниска и средна јачина кој ќе биде зачуван на тоа место главно потекнува од затварањето на четирите стари нуклеарни реактори.
Бугарија затвори четири стари реактори од советско производство во Козлодуј од безбедносни причини и затоа што тоа беше услов за пристапност во Европската унија во 2007 година.
Во Козлодуј, кој се наоѓа на Дунав, недалеку од тромеѓето меѓу Бугарија, Романија и Србија, останаа два нуклеарни реактори исто така од советската ера. Се очекува дека магацинот ќе почне да функционира во 2021 година.
Фондот со кој управува Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД) го финансира проектот за изградба на магацинот со 73 милиони евра.