Поранешниот генерал Румен Радев освои поголем дел од гласовите во вториот круг од претседателските избори во Бугарија.
Кандидатот на владеачката партија, Цецка Цачева, го призна поразот и му ја честиташе победата на кандидатот на социјалистите Румен Радев.
„Сакам на господинот Радев да му ја честитам победата. Исто така, сакам да се заблагодарам на сите кои ме поддржуваа во текот на кампањата“, изјави Цачева напоменувајќи дека дел од вината за поразот на изборите лежи во неа самата.
Таа рече дека е подготвена да понуди оставка од функцијата претседател на собранието, како и дека во потполност ќе го напушти парламентот.
Агенцијата Ројтерс оценува дека победата на Радев најверојатно ќе ја приближи Бугарија кон Русија, што би се одразило на односите со сојузниците од ЕУ и НАТО.
Можна е и повеќемесечна политичка нестабилност со оглед на тоа дека бугарскиот премиер Бојко Борисов најави повлекување ако неговиот кандидат загуби, потсетува британската агенција.
Предизборната кампања во Бугарија беше фокусирана на иднината на Европската унија, односите со Русија и заканите од потенцијалното зголемување на приливот на мигранти од Турција.
Претседателот во Бугарија има главно церемонијална функција и нема извршни овластувања, а сите поважни политички одлуки мора да ги одобри парламентот.