Банките во Германија ќе мора да имаат мерка во спроведувањето на санкциите против Русија поради нејзината инвазија на Украина, изјави денеска функционер на Бундесбанк, предупредувајќи на проблемот со одбивањето услуги на граѓаните со руско потекло.
„Гледаме дека тука и таму санкциите се спроведуваат и преку мерка“, изјави денеска членот на управниот одбор на Бундесбанк, Јоаким Вирмелинг за деловниот дневен весник „Ханделсблат“.
„Банките, на пример, не треба да ги одбиваат граѓаните со руско потекло само поради страв дека со давање услуги на таа група клиенти ќе ги прекршат санкциите“, објасни претставникот на германската централна банка.
„Финансиските институции мора да водат сметка за тоа да го зачуваат чувството за мерка и никого ненамерно да не го доведат во полоша позиција“, додаде Вирмелинг.
Во освртот на финансиските ризици, функционерот на германската централна банка истакна дека е загрижен за хипотекарните кредити, кои станаа поризични за банките заради растот на цените.
„Пазарот од ден на ден станува се поранлив“, рече тој.
Хипотекарните кредити со фиксни каматни стапки и рок на отплата повеќе од 10 години прават половина од некомерцијалните хипотекарни заеми во Германија.
„Тоа значи дека банките неколку години по промената на насоката на клучните каматни стапки во билансите би имале кредити со многу ниски каматни стапки, а веќе би плаќале значително повисоки камати за рефинансирање“, објасни функционерот на Бундесбанк.
„Централната банка го задржува правото да ги прилагоди регулативите за капиталните резерви на банките доколку финансиските ризици продолжат да се зголемуваат“, нагласи Вирмелинг.