Компанијата „Беркшир Хетхевеј“, сопственост на американскиот милијардер Ворен Буфет, службено стана главен акционер во Банк оф Америка откако го искористи правото за купување на 700 милиони акции од оваа банка со попуст.
Инвестициската компанија сега има 6,6 отсто удел во втората најголема американска банка. Акциите биле купени по 7,14 долари, што е значително пониско од 23,58 долари колку што вчера изнесуваше заклучната цена на овие акции.
Уделот на Буфет сега чини вкупно 16,51 милијарди долари.
Американскиот милијардер правото го стекна во 2011 година по вложувањето на пет милијарди долари во банката која тогаш беше во потешкотии поради последиците од глобалната финансиска криза.